„Антропик“ отвори биолабораторија, ќе користи вештачка интелигенција во реални експерименти

„Антропик“ отвори биолабораторија, ќе користи вештачка интелигенција во реални експерименти

пред 5 часа

Компанијата за вештачка интелигенција „Антропик“ отвори биолошка лабораторија во областа на заливот Сан Франциско, во која ќе спроведува физички експерименти како дел од своите истражувања за примена на вештачката интелигенција во биологијата, објави „Ројтерс“.

Постоењето на лабораторијата го потврди Ерик Каудерер-Абрамс, раководител на одделот за природни науки во компанијата.

„Веруваме дека, кога станува збор за биологијата, крајниот тест сè уште е – и уште некое време ќе биде – работата во вистинска лабораторија“, изјави тој.

Каудерер-Абрамс не прецизираше на што конкретно работи „Антропик“ во новата лабораторија. Компанијата, покрај работата во сопствените простории, соработува и со надворешни партнери.

„Антропик“ претходно почна програма за примена на својот модел „Клод“ во научните истражувања, меѓу другото и во откривањето нови лекови. Од компанијата велат дека се заинтересирани и за истражувања кои фармацевтските компании можеби би ги избегнувале поради нивната ограничена комерцијална исплатливост.

Сепак, лабораторијата не е наменета исклучиво за откривање лекови.

Според извори на „Ројтерс“, една од областите што ги истражува компанијата е можноста „Клод“ да управува со роботи кои би изведувале научни експерименти. Каудерер-Абрамс нагласи дека „Антропик“ е сè уште во рана фаза на користење на вештачката интелигенција за автоматизација на лабораториската работа и дека човечкиот надзор останува клучен за безбедноста.

Компанијата досега нема спроведено клинички испитувања.

Каудерер-Абрамс смета дека вештачката интелигенција во иднина би можела да го забрза откривањето терапии за состојби кои досега се сметале за особено тешки за лекување, вклучително и развојот на сложени и прецизно насочени терапии.

Развојот истовремено отвора и прашања за безбедноста при употребата на напредни модели на вештачка интелигенција во биолошките истражувања. „Антропик“ има воведено безбедносни мерки за да спречи потенцијална злоупотреба на своите модели во биологијата.

*Насловната фотографија е илустрација, генерирана со помош на вештачка интелигенција

Текстот „Антропик“ отвори биолабораторија, ќе користи вештачка интелигенција во реални експерименти е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top