Бајден го предупредил кинескиот претседател: „Кина ќе претрпи последици ако ја поддржи Русија“

пред 2 години

Американскиот претседател Џо Бајден изјави за Си-Ен-Ен дека неговиот разговор со кинескиот претседател Шји Џинпинг минал добро.

Според Белата куќа, во речиси двочасовниот телефонски разговор со кинескиот лидер, Бајден ги опишал импликациите и последиците што Кина ќе ги претрпи доколку и’ обезбеди материјална поддршка на Русија.

„Претседателот ја истакна својата поддршка за дипломатско решение на кризата“, соопшти Белата куќа додавајќи дека двајцата лидери „исто така се согласиле за важноста од одржување на отворени линии на комуникација“.

Најголемиот дел од нивната дискусија се фокусираше на војната во Украина и импликациите што кризата ќе ги има и за односите меѓу САД и Кина и за меѓународниот поредок, рече претставник на Белата куќа.

Еве го целосниот извештај за средбата од Белата куќа:

„Претседателот Бајден ги истакна ставовите на Соединетите Држави и нашите сојузници и партнери за оваа криза. Претседателот Бајден детално ги опиша нашите напори да ја спречиме и потоа да одговориме на инвазијата, вклучително и воведувањето санкции кон Русија. Тој ги опиша последиците што Кина ќе ги претрпи доколку и’ обезбеди материјална поддршка на Русија додека извршува брутални напади врз украинските градови и цивили.нДвајцата лидери се согласија и за важноста од одржување на отворени комуникациски линии за управување со конкуренцијата меѓу двете земји. Претседателот повтори дека американската политика кон Тајван не е променета и истакна дека САД продолжуваат да се спротивставуваат на какви било еднострани промени на статус-кво“.

Претходно, кинеските државни медиуми пренесоа дека кинескиот претседател за време на разговорот со Бајден, изјавил дека конфликтите и конфронтациите никому не му се во интерес.

Тој посочил дека мирот и безбедноста се најценетите богатства на меѓународната заедница, пренесува „Ројтерс“.

Шји на американскиот колега му порачал дека односите меѓу државите не може да влезат во фаза на конфронтација, објавија кинеските државни медиуми.

„Украинската криза е нешто што не би сакале да го гледаме“, посочил Шји додавајќи дека Кина и САД мора да ги водат билатералните односи на вистинскиот пат, а двете страни исто така треба да преземат одговорност и да вложат напори за светскиот мир, пренесе „Ројтерс“.

Ова е прв разговор меѓу двајцата лидери од ноември.

Share
Scroll to Top