Бајден по разговорот со Путин се консултира со европските сојузници

пред 2 години

Американскиот претседател Џозеф Бајден ќе разговара за исходот од денешниот руско-американски видео-самит со францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел, италијанскиот премиер Марио Драги и британскиот премиер Борис Џонсон, соопшти Белата куќа.

Лидерите на Велика Британија, Италија, САД, Франција и Германија изразија загриженост на состанокот во понеделникот поради наводната поостра руска реторика кон Украина и ја повикаа Русија да ги деескалира тензиите и се согласија дека дипломатијата особено во рамките на „Нормандискиот формат“, е единствен начин за решавање на конфликтот во Донбас со спроведување на договорот од Минск.

„На вчерашната средба лидерите се согласија да останат во близок контакт во однос на координиран и сеопфатен пристап како одговор на зајакнувањето на руските трупи на границите на Украина“ се наведува во соопштението, кое го пренесе агенцијата „Тасс“.

Американскиот и рускиот претседател Џозеф Бајден и Владимир Путин денеска одржаа видеоконференција која траеше нешто повеќе од два часа, а на која разговараа за Украина и за други спорови во американско-руските односи.

Share
Scroll to Top