Бајден: Путин ќе плати за мешањето во претседателските избори на САД

пред 4 години

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека рускиот претседател Владимир Путин наскоро ќе ги почувствува последиците од директното мешање во претседателските избори на САД во 2020 година, со цел да победи Доналд Трамп.

„Ќе ја плати цената, а какви ќе бидат последиците, ќе видите наскоро“, изјави Бајден за „Еј-би-си њуз“.

Тој ги даде изјавите по извештајот на разузнавачките служби, кој ги потврдува тврдењата дека самиот Путин стои зад мешањето на Русија во изборите. Русите возвраќаат дека станува збор за неосновани обвинувања.

Бајден рече дека го познава Путин релативно добро и дека, според неговото искуство со странски лидери, најважно е да го познава неговиот соговорник. Тој исто така рече дека не верува дека Путин има душа, а на прашањето дали смета дека рускиот претседател е убиец, тој одговори потврдно.

„Да, го мислам тоа“, рече кратко Бајден.

Во исто време, тој потсети дека има прашања од заеднички интерес за кои тие можат да соработуваат, како што е продолжувањето на нуклеарниот договор СТАРТ.

Share
Scroll to Top