Борел: На состанокот на Советот на ЕУ во фокус односите со Турција и Русија

пред 3 години

На денешниот состанок на Советот на ЕУ, министрите за надворешни работи ќе дебатираат за стратешкиот документ за односите со Турција, што беше презентиран од Европската служба за надворешни работи за време на викендот.

Доаѓајќи на состанокот на Советот на ЕУ, шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, објави дека односите со Турција ќе бидат во фокусот и на министерскиот состанок и на разговорите на лидерите на ЕУ.

Дипломатски извори во Брисел наведуваат дека ЕУ со стратешки документ предупредува на можни економски последици што може да ги претрпи Турција, меѓу другото, и поради еднострани потези на западниот Медитеран.

Се додава дека економските мерки може да бидат насочени најмногу против турскиот туристички сектор, во смисла на обесхрабрување на европските туристи да ги посетуваат овие дестинации, но исто така и дека тие можат да се однесуваат на енергетските сектори, забрана за извоз и увоз на одредени стоки и технологии и можни ограничувања за финансирање.

Во документот се наведени и можните позитивни мерки во случај на конструктивно однесување на Турција, како што е проширување на царинската унија и напредок кон визната либерализација за турските граѓани.

Во исто време, ЕУ потенцира дека нема да се откаже од продолжување на доделувањето пари за помош на Турција кога станува збор за бегалците кои се на нејзина територија, а во рамките на договорот постигнат меѓу ЕУ и Турција за запирање на мигрантскиот бран .

Минатата недела претседателот на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел разговараа со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и повикаа на намалување на тензиите и зајакнување на довербата во односите ЕУ-Турција за да се овозможи „попозитивна агенда ЕУ-Турција“.

Share
Scroll to Top