Брисел денеска расправа за дистрибуција на вакцините за Западен Балкан

пред 3 години

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ на денешниот состанок ќе разговараат за ажурирањето на стратегијата за дистрибуција на вакцините против Ковид-19 до трети земји, пред се од Западен Балкан и соседите.

Состанокот на Советот за надворешни работи ќе го води министерот за надворешни работи на ЕУ, Џозеп Борел. Како што е најавено, првата точка на дневниот ред ќе биде презентирање на стратегијата на ЕУ од страна на Борел за дистрибуција на вакцини против Ковид-19 на трети земји и други напори на ЕУ да се обезбеди еднаков и фер пристап до безбедни вакцини на глобално ниво.

Потоа министрите ќе разменат мислења за неодамнешното апсење на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални по неговото враќање во Русија на 17 јануари 2021 година.

Советот, исто така, ќе разговара за трансатлантските односи, со цел иден ангажман со администрацијата на САД по инаугурацијата на Џо Бајден за 46. американски претседател.

Министрите се очекува да ги поздрават одлуките донесени од новиот американски претседател во текот на првите денови од неговиот мандат, особено кога станува збор за враќање на САД во Парискиот договор за климата и Светската здравствена организација.

Размената на мислења, исто така, ќе се фокусира на состојбата на мигрантите и бегалците во Босна и Херцеговина, вклучително и различни аспекти на акцијата на ЕУ за решавање на оваа „непосредна хуманитарна состојба“.

Share
Scroll to Top