Британскиот министер за одбрана: Имаме 1.000 дена да се подготвиме за војна

Британскиот министер за одбрана: Имаме 1.000 дена да се подготвиме за војна

пред 3 часа

Британскиот министер за одбрана, Вес Стритинг, предупреди дека Велика Британија мора да биде подготвена за војна во следните 1.000 дена, поради засилените руски хибридни активности против НАТО.

Во авторски текст за британски „Телеграф“, Стритинг предупреди дека непријателските држави би можеле да бидат способни да ја нападнат Велика Британија до 2030 година, поради што земјата, заедно со сојузниците, мора да биде подготвена за борба и победа.

„Мојот главен приоритет е да обезбедам земјата да биде подготвена да се бори и да победи во војна. За да го спречиме најлошото, мора да се подготвиме. Тоа пред сè значи зајакнување на нашите способности, за противниците двапати да размислат пред да нè нападнат“, порача Стритинг.

Неговото предупредување доаѓа неколку дена откако британската влада ја започна кампањата „Бидете подготвени“, со која им препорачува на домаќинствата да обезбедат резерви од трајна храна, флаширана вода, ќебиња и радиоапарати.

Целта е граѓаните да можат да издржат најмалку три дена без пристап до продавници или електронски плаќања, во случај на кибернапади, екстремни временски услови или прекин на клучната инфраструктура.

Британските власти неодамна предупредија и дека Русија користи рибарски бродови и комерцијални посредници за шпионирање и потенцијално загрозување на важни подморски кабли. Владата најави построги затворски казни за саботажа на ваквата инфраструктура.

Стритинг нагласи дека заканите не се нови, но дека воените способности на противниците значително се менуваат.

„До 2030 година нивната воена моќ и воена економија би можеле да ги доведат во позиција да нападнат. Тоа ни остава нешто повеќе од 1.000 дена да ја завршиме нашата мисија – заедно со сојузниците да бидеме подготвени за борба и победа“, предупреди министерот.

Неговите изјави доаѓаат во време на политички спор околу зголемувањето на британскиот одбранбен буџет.

Поранешниот министер за одбрана, а сегашен министер за финансии, Џон Хили, во јуни поднесе оставка поради несогласувањата со тогашниот премиер Кир Стармер околу издвојувањето три проценти од БДП за одбрана до 2030 година.

Владата на премиерот Енди Барнам сега се соочува со притисок да обезбеди поголеми средства за војската и да ги исполни обврските кон НАТО, вклучително и целта за издвојување 3,5 проценти од БДП за основни одбранбени потреби до 2035 година.

Стритинг ги обвини конзервативците дека оставиле најмала британска армија од Наполеоновите војни и истакна дека актуелната влада го спроведува најголемото континуирано зголемување на одбранбениот буџет од крајот на Студената војна.

Поранешниот началник на Генералштабот, генерал Патрик Сандерс, претходно предупреди дека земјата има помалку од пет години да се подготви за можен конфликт со Русија. Тој повика на изградба на засолништа, зајакнување на противвоздушната одбрана и подобра заштита на цивилното население.

Во меѓувреме, опозициските конзервативци побараа од министерот за финансии Хили јасен план за зголемување на одбранбените издвојувања, предупредувајќи дека без силна одбрана нема ниту стабилна економија.

Текстот Британскиот министер за одбрана: Имаме 1.000 дена да се подготвиме за војна е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top