Британските рибари незадоволни од трговскиот договор со ЕУ

пред 3 години

Британската рибарска индустрија е разочарана што трговскиот договор за Брегзит постигнат со Европската Унија не предвидува поголемо намалување на пристапот до британските води што моментално го има блокот, изјави претставникот на здружението на британски рибари, Бери Деас.

„Индустријата ќе биде горко разочарана што не станува збор за дефинитивен прекин“, изјави за „Ројтерс“ Деас, извршен директор на Националната федерација на риболовни организации.

Британскиот премиер Борис Џонсон претходно изјави дека Велика Британија се согласила на „разумен“ пет и полгодишен преоден рок со ЕУ во однос на риболовот, подолг од трите години што ги посакувала, но пократок од 14-те години што првично ги побара ЕУ.

Деас рече дека најголемата грижа за индустријата најверојатно ќе биде одлуката да им се дозволи на рибарските бродови на ЕУ да продолжат да работат до шест милји од брегот на Велика Британија, што е половина од границата од 12 милји што ја бара индустријата.

Поддржувачите на Брегзит велат дека риболовот е симбол на суверенитетот и дека риболовните области во британските води треба да бидат првенствено за британските посади за риболов. ЕУ се обиде да им обезбеди пристап на бродовите на земјите членки како што се Франција и Холандија.

Share
Scroll to Top