Претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ ги предупреди студентите кои протестираат и ја блокираат работата на околу шеесетина факултети во сите четири универзитетски центри во Србија дека може да останат без поддршка од државниот буџет и право на студентски дом, а факултетите би можеле да паднат во финансиска блокада и банкрот, пренесе „Ал Џазира“.
Бранот протести во Србија беше предизвикан од смртта на 15 претежно млади луѓе и сериозните повреди на уште двајца кога се урна настрешница на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад на 1 декември, за што значителен дел од јавноста за одговорни ги смета владата и изведувачите, обвинувајќи ги за негрижа и корупција.
Брнабиќ, во екот на студентските протести кои добиваат сè поголема поддршка од јавноста, на седницата на собраниската Комисија за образование, наука, технолошки развој и информатичко општество предупреди дека континуираната блокада на факултетите носи „три закани“ и оти „медениот месец заврши.“
Брнабиќ ја наведе „опасноста дека повеќе од 100.000 студенти ќе го изгубат правото на студирање на сметка на буџетот, а повеќе од 17.000 ќе го изгубат правото на студентско домување“.
Прекините на наставата продолжија и денеска во бројни училишта, а ресорното министерство испрати просветни инспектори во училиштата, предупредувајќи ги наставниците и професорите дека една од мерките може да биде отказ.
Текстот Брнабиќ им се закани на студентите: Ќе го изгубите правото на бесплатно студирање и дом е превземен од МАКФАКС.