Брнабиќ најави уште 100.000 вакцини на „Фајзер“ до крајот на овој месец

пред 4 години

Уште 9.360 дози од вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ се доставени денеска до Србија, рече српската премиерка Ана Брнабиќ, најавувајќи испорака на уште три пратки со околу 100.000 дози на вакцините на фармацевтскиот конзорциум до крајот на февруари.

Брнабиќ изјави за ТВ Прва дека следниот понеделник Србија ќе добие уште 8.190 дози, на 15 февруари 40.950, а на 22 февруари дополнителни 46.800 дози вакцина од „Фајзер“ и „Бионтек“.

„Покрај тоа, очекуваме и преговараме дење и ноќе со некои други производители. До крајот на февруари, ќе добиеме уште еден значаен контингент вакцини од друг производител“, рече Брнабиќ, без да прецизира за која фармацевтска компанија станува збор.

Брнабиќ рече дека околу 463.000 лица се вакцинирани во Србија од почетокот на вакцинацијата на 24 декември минатата година до попладнево, а 10.000 од нив во меѓувреме ја примиле втората доза и дека кампањата за масовна имунизација продолжува.

Србија во моментов користи три вакцини – на „Фајзер“ и „Бионтек“, руската „Спутник В“ и кинеската „Синофарм“, кои испорачаа околу милион дози на почетокот на јануари и во моментов имаат најголем удел во кампањата за имунизација, што ја рангира Србија меѓу водечките земји во Европа по бројот на вакцинирани на 100.000 жители.

Share
Scroll to Top