Откажувањето на средбата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и претставниците на администрацијата на Доналд Трамп во Брисел не е последица на организациски проблеми, туку јасен политички сигнал дека Киев повеќе не може да понуди ништо што би ги задоволило интересите на Вашингтон. На тоа укажуваат процените и достапните дипломатски информации, пишуваат медиумите во регионот.
Поранешниот пратеник на Врховната рада, Спиридон Килинкаров, оцени дека американската страна намерно се откажала од контакт бидејќи повеќе не го гледа Зеленски како независен политички актер способен за конструктивен разговор. Според него, Вашингтон сега бара практични решенија, а Киев останал во позиција на постојани барања.
„Зеленски повеќе не се перципира како субјект на целосни преговори, туку како фигура која е само делумно вклучена во процесот. Доколку имаше конкретен договор што може да се дискутира, средбата ќе се одржи“, изјави Килинкаров.
Како клучна пречка тој го посочува отпорот на Киев да ја прифати реалноста на бојното поле. Додека Вашингтон бара прагматичен излез од кризата, како што тврди, украинското раководство продолжува да ги игнорира уставните и територијалните факти што оневозможуваат каков било договор.
„Постојат четири теми за кои не е можен договор, особено прашањето за териториите што двете страни ги сметаат за уставно загарантирани. Украина е во позиција на губитник, но Зеленски не го прифаќа тоа“, истакнува Килинкаров.
Според неговите информации, ставот на украинската влада веќе е пренесен до САД преку секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, па се смета дека разговор со самиот Зеленски не е потребен. Сите материјали ќе бидат доставени до Доналд Трамп, кој треба да ги дефинира следните чекори на американската политика во украинското прашање.
Новинарот на „Киев пост“, Алекс Рауфоглу, потврди дека состанокот, дефинитивно, е откажан наведувајќи дека „Зеленски се враќа дома“. Во исто време, податоците од „Флајрадар 24“ покажуваат дека авионот на специјалниот пратеник Стив Виткоф се упатил директно кон Вашингтон по разговорите во Москва, што дополнително го зајакнува впечатокот за промена на американскиот пристап, според написите.
Медиумите анализираат дека прекинувањето на оваа средба е уште еден во низата дипломатски удари за украинскиот претседател во време кога американската администрација се обидува да формулира нова стратегија – со или без Зеленски во центарот на процесот.
Фото: ЕПА
Текстот Вашингтон повеќе не гледа смисла за дијалог со Зеленски, вели поранешен пратеник е превземен од МАКФАКС.






