Велика Британија се подготвува утре да стане првата земја што ќе започне да ја користи вакцината против Ковид-19 на „Фајзер/Бајонтех“. Првите дози ќе бидат достапни во болниците пред да бидат распределени на медицинските клиники, соопшти владата.
Луѓето треба да започнат да ги примаат првите дози на вакцината утре, а Националната здравствена агенција (НХС) ќе им даде приоритет на луѓето постари од 80 години, здравствените работници и жителите и вработените во домовите за стари лица и изнемоштени лица.
Британија минатата недела ја одобри употребата на оваа вакцина и со тоа се проби во првите редови на глобалната трка за масовна употреба на вакцината против коронавирус.
Земјата нарача 40 милиони дози, а бидејќи се потребни две дози за секоја личност, то а е доволно за да се вакцинираат 20 милиони луѓе во земја со 67 милиони жители.
Се очекува Британците да имаат на располагање 800.000 дози во првата недела од вакцинацијата.
Првите дози пристигнати од производствен капацитет во Белгија се складирани на безбедни локации низ целата земја каде што ќе се провери нивниот квалитет, соопшти Националната здравствена агенција.
Според планот на владата, десетици милиони дози вакцини можеле да бидат пренесени во земјата со воени авиони за да се избегне метеж на аеродромите поради Брегзит.
Министерот за земјоделство и животна средина Џорџ Јустис рече дека Брегзит „нема да ја наруши испораката на вакцини“.