(Видео) Австралиски научници тврдат дека го пронашле изгубениот брод на капетанот Кук

пред 3 години

Австралиски научници тврдат дека го пронашле изгубениот брод на капетанот Џејмс Кук.

Кевин Сампшн, извршен директор на Австралискиот национален поморски музеј, изјави пред новинарите дека експертите конечно го пронашле овој познат брод по повеќе од две децении пребарување.

„Дефинитивно можеме да потврдиме дека ова е потонатиот брод „Ендевор“. Ова е важен момент. Тоа е веројатно еден од најважните бродови во нашата поморска историја“, рече Сампшн.

„Ендевор“ бил бродот на британскиот истражувач Џејмс Кук, кој пловел по Тихиот Океан помеѓу 1768 и 1771 година. Со него, тој открил области во светот кои во тоа време беа во голема мера непознати за Европејците, вклучувајќи делови од Австралија и Нов Зеланд, пишува „Скај њуз“.

Но, во 1775 година бродот веќе бил во прилично лоша состојба и бил продаден на приватен сопственик кој го преименувал во „Лорд Сендвич“. Бил потопен од британските сили во 1778 година во пристаништето Њупорт на Род Ајленд. Научниците ја истражуваа областа во последните 22 години и детално проверуваа неколку урнатини на локацијата. Тие го споредија нивниот изглед со скиците на Ендевор и го анализираа потеклото на материјалот.

Сампшн рече дека „последните парчиња од сложувалката“ допрва треба да се средат пред да се добие официјална потврда за пронајдокот, но додаде дека е убеден, врз основа на „архивски и археолошки докази“, дека тоа е Ендевор.

Американски експерти: Ова е прерана изјава

Но, експертите во САД не се толку оптимисти. Проектот за морска археологија на Род Ајленд (RIMAP) соопшти дека тоа е „прерана“ изјава и „прекршување на договорот“. Извршниот директор на RIMAP, Кети Абас, рече дека тие се всушност водечката организација задолжена за ова истражување.

„Има многу неодговорени прашања кои би можеле да покажат дека се работи за погрешна идентификација“, рече Абас.

„RIMAP ја разбира врската помеѓу австралиските граѓани со британско потекло и Ендевор, но ние имаме намера да ги базираме нашите заклучоци на релевантни научни процеси, а не на австралиски емоции или политика“, додаде таа.

Потонатиот брод за кој Самшн тврди дека е „Ендевор“ се наоѓа на само 500 метри од брегот. Се наоѓа на 14 метри под површината, покриен со речиси 250 години наноси и тиња.

Share
Scroll to Top