(Видео) Во Вашингтон поставени железна ограда и бетонски блокови: „Ова потсетува на Багдад“

пред 4 години

Инаугурацијата на Џо Бајден за претседател на Соединетите Американски Држави ќе се одржи денеска напладне по локално време, односно во 18 часот по средноевропско време.

Тоа ќе биде прва церемонија во поновата историја на која нема да присуствуваат претседателот во заминување и првата дама.

Бајден ќе положи заклетва како 46-ти претседател на САД на 59-та церемонија на инаугурација и за разлика од претходните церемонии и традиционалните говори, учесниците ќе се појават пред мала, физички оддалечена публика, со заштитни маски, и во град кој е затворен како поради пандемијата, така и поради безбедносните закани.

Вашингтон е претворен во тврдина уште по нападот на Конгресот. Повеќе од 25.000 припадници на Националната гарда и воени резервисти, вооружени вршат обиколки низ главниот град. Поставени се и жичани огради и бетонски блокови за да ја заштитат Белата куќа и Капитол односно за да се блокира пристапот на главните патишта.

Некои ветерани од војната во Ирак изјавија дека центарот на градот ги потсетува на „зелената зона“ во Багдад.

Претходно, американските медиуми пренесоа информација според која се спроведува ветинг за 25.000 припадници на Националната гарда кои го обезбедуваат Вашингтон, поради можна поврзаност со десни екстремистички групи. Официјални претставници на американската одбрана изразија загриженост за можни инсајдерски напади или други видови закани од редовите на безбедносните сили.

По заклетвата, Бајден ќе го има своето прво обраќање до нацијата како претседател, пишува Еј-би-си њуз.

Share
Scroll to Top