(Видео) Двојничката на Меркел заминува во пензија, водеше двоен живот а никогаш не ја запозна канцеларката

пред 2 години

Шеесет и петгодишната Урсула Ванецки има сон конечно да ја запознае канцеларката Ангела Меркел и да размени совет со неа како да направи Шлезиска торта од сливи, пренесува „Гардијан“.

„ Сигурно знам дека сака да ја прави таа торта, со прелив од трошки. Замислувам како седиме во нејзината градина, пиеме кафе и јадеме торта – со крцкави трошки – далеку од очите на јавноста“ рече Ванецки.

Меркел знае за Ванецки, која ја имитира речиси откако стана канцелар, па дури и испрати потпишана книга, што Ванецки ја смета за премолчено одобрување на нејзината неконвенционална улога.

Нејзиното присуство во јавноста како водечка германска двојничка на Ангела Меркел, во сè, од сатирични ТВ емисии и отворање супермаркети до приватни свадби и роденденски прослави, ја преокупира во изминатите 16 години, иако таа тоа го нарекува нејзино „хоби“.

Кога Меркел (67) ќе се повлече од својата функција следниот месец, истото планира да го стори и 65-годишната Ванецки.

„ Најмногу се радувам што повторно ќе можам да носам лак за нокти и големи обетки, нешто што Меркел никогаш не го прави“, се пошегува таа.

Нејзиниот втор живот започна речиси случајно, без апсолутно никаков напор од нејзина страна, рече Ванецки во неодамнешното интервју на интернет од нејзиниот скромен трисобен стан во Атендорн, Западна Германија.

„ Кога мојот внук беше многу мал, ја виде Ангела Меркел на ТВ вести и ѝ рече на мајка си: „Тоа е баба“. Потоа на една свадба облеков костум во боја на кајсија, нешто слично како што носеше таа – бојата ни одговара на двете – а подоцна се облеков како она за одење на карневал. И така започна сè“ – рече таа.

И покрај тоа што е повисока од Меркел и носи чевли број 40, во споредба со 38-те на Меркел, како и тоа што има подолги, тенки нозе, таа вели дека повеќето луѓе не ја забележуваат разликата, особено ако никогаш не ја виделе Меркел во живо.

Ванецки глуми во бројни филмови на британската фотографка и филмска режисерка Алисон Џексон, која е специјализирана за сценарија кои користат двојници на познати личности.

Еднаш дури успеа да се најде и на насловни страница на списание за хомосексуални жени, во кое ја глумеше Меркел во интимен амбиент со друга жена.

Share
Scroll to Top