(Видео) Најмалку 15 загинати и голем број исчезнати по силната ерупција на вулканот Семеру

пред 2 години

Индонезискиот вулкан Семеру и денеска продолжи да исфрла големи количества пепел, неколку дена по силната ерупција во која загинаа 15 лица, додека потрагата по десетици исчезнати луѓе е отежната поради лошите временски услови.

Највисоката планина на островот Јава силно еруптираше во саботата, фрлајќи огромно количество пепел на небото над околните села.

Бројот на загинати се искачи на 15, а 27 се водат како исчезнати, соопшти Индонезиската агенција за управување со катастрофи.

Вулканот денеска повторно еруптираше потврди на Твитер Индонезискиот центар за вулканологија и геологија, предупредувајќи на континуирана сеизмичка активност.

„Семеру е еден од најактивните вулкани во Индонезија“, изјавил шефот на вулканската опсерваторија.

Некои загрижени жители се вратиле во своите домови за да ги прегледаат имотот и добитокот, а надлежните ги повикаа да бидат внимателни.

„Луѓето треба да бидат повнимателни бидејќи потенцијалната закана сè уште постои“, додаваат експертите.

Во областа Сумбервулух, спасувачките тимови се мачеа со лошите временски услови додека се обидуваа да ги извлечат жртвите од урнатините.

„Баравме девет исчезнати лица во ова село и ги најдовме телата на три жртви“, рече Естијанто Хедриантоно, раководител на локалната потрага. Тој додаде дека дополнителен предизвик се заробените тела под трупци и камења, а земјата се уште е врела.

Луѓето објавуваат фотографии од нивните исчезнати роднини на Фејсбук и бараат какви било информации за нив, пренесуваат агенциите.

Обезбедени се оброци и медицинска помош за повеќе од 1.700 евакуирани лица.

Тим за третман на траума беше испратен на терен за да им помогне на децата погодени од ерупцијата, а во областа се испратени пакети со помош, вклучувајќи ориз, ќебиња, облека и други основни потреби.

Share
Scroll to Top