Неколку експлозии денеска се слушнале во јужен Иран, во близина на пристанишниот град Бандар Абас и крајбрежната област Кешм, јавија иранските државни медиуми.
Според државната новинска агенција ИРНА, кон островот Кешм, кој има стратешко воено значење во близина на Ормутскиот Теснец, биле истрелани „непријателски проектили“.
Гувернерот на Кешм, Хосеин Амир Тејмури, изјавил дека „10 до 11 непријателски проектили“ биле насочени кон воени објекти на островот, додавајќи дека нема жртви.
Во меѓувреме, американскиот портал „Аксиос“, повикувајќи се на висок американски функционер, објави дека американската војска пред околу еден час извршила напади врз ирански ракетни и противвоздушни системи.
Според истиот извор, нападите биле насочени кон мали пловни објекти поврзани со Иранската револуционерна гарда во близина на Ормутскиот Теснец.
BREAKING
Smoke rises from multiple sites targeted by the US military in the last hour on Iran's Qeshm Island in the Persian Gulf. pic.twitter.com/BkelBZZMUy
— DC_Global_News (@DC_Global_News) July 12, 2026
Пакистан повика на воздржаност
Министерството за надворешни работи на Пакистан изрази „длабока загриженост“ поради најновата ескалација на Блискиот Исток.
Во соопштение објавено на социјалната мрежа Икс, Исламабад ги повика сите страни да покажат воздржаност, да преземат итни чекори за деескалација и да ги почитуваат обврските преземени со меморандумот за разбирање постигнат минатиот месец.
„Пакистан останува посветен на давање целосна поддршка за постигнување траен мир и стабилност во регионот преку дијалог и дипломатија“, се наведува во соопштението.
Текстот (Видео) Нови експлозии во Иран: нападнат остров во близина на Ормутскиот Теснец е превземен од МАКФАКС.





