(Видео) Пентагон: САД не планираат да ја соборат кинеската ракета која неконтролирано кружи околу Земјата

пред 3 години

САД се надеваат дека кинеската ракета, која неконтролирано кружи околу Земјата, ќе падне на безбедно место и засега не планираат да ја соборат, изјави шефот на Пентагон, Лојд Остин. Сè уште не е познато на која локација на планетата може да падне дел од ракетата што го лансираше првиот кинески модул за вселенската станица Тијанхе.

На 29 април, Кина ја лансираше ракетата „Лонг марч 5Б“ со главниот модул за својата идна орбитална станица. Американското воено воздухопловство претходно објави дека очекува ракетното јадро да се сруши во Тихиот Океан до крајот на неделава.

Според американската војска, дел од ракетата орбитира околу Земјата на секои 90 минути со брзина од околу 27.600 километри на час на висина поголема од 300 километри.

„Не планираме да ја собориме ракетата. Се надеваме дека ќе слета на место каде што нема да му наштети на никого, се надеваме во океанот или некаде на слично”, рече Остин.

Тој рече дека експертите го одредуваат времето и веројатното место на падот на ракетата. Остин додаде дека САД имаат можност да соборат делови од ракети кои би можеле да паднат на Земјата, но дека во моментот нема такви планови.

Дел од вселенското летало ЦЗ-5Б се очекува повторно да влезе во атмосферата на Земјата на 9 мај, над јужниот дел на Тихиот Океан недалеку од Нов Зеланд.

„Гардијан“ претходно цитираше астрофизичар од Астрофизичкиот центар на Универзитетот Харвард дека делови од ракетите може потенцијално да паднат во населено место, почнувајќи од север до Њујорк, Мадрид и Пекинг, сè до југ до Чиле и Нов Зеланд.

Научникот исто така очекуваше дека делови од ракетата може да паднат во морето, имајќи предвид дека поголемиот дел од нашата планета е покриен со океани. Кина ја лансираше ракетата „Лонг марч 5Б“ со главниот модул за својата идна орбитална станица на крајот на април.

Пекинг има испланирано повеќе мисии во текот на 2021 и 2022 година, а планира и официјално да лансира вселенска станица во 2023 година.

Share
Scroll to Top