Повеќе од 2.500 луѓе присуствувале на нелегално организирана рејв забава во Франција, додека земјата продолжува да се бори против коронавирусот, пишува Би-Би-Си.
Забавата, која се одржала во магацин во Лиерон, во близина на Рен, почнала во четвртокот и траеше до денес, сè додека полицијата не упадна во објектот.
На забавата присуствувале голем број лица од Велика Британија и Шпанија.
Гостите се судрија со полицијата, палејќи еден автомобил и фрлајќи предмети кон полицајците кои се обидуваа да стават крај на настанот. Најмалку тројца полицајци се повредени.
Во соопштението на локалните власти се вели дека полицијата се обидела да го спречи овој настан, но дека се соочила со жестоко непријателство од присутните.
Некои учесници изјавија дека имаат намера да останат до недела, додека други изјавија дека се надеваат дека ќе останат до вторник.
Доцна синоќа, францускиот министер за внатрешни работи Гералд Дарманин, одржа кризен состанок за да разговара за настанот. Тој соопшти дека организаторите ќе бидат казнети.
Обвинителите во Рен отворија истрага за незаконска организација на музички настан и насилство врз службени лица.
Франција воведе полициски час во 15 области со почеток во 18 часот, наместо во 20 часот.
Франција веќе воведе национален карантин двапати од почетокот на пандемијата, а последниот беше олеснет во средината на декември, но рестораните и баровите сѐ уште се затворени и не е познато до кога.