(Видео) Силно торнадо во Бразил откорна покриви, еден падна врз авион

(Видео) Силно торнадо во Бразил откорна покриви, еден падна врз авион

пред 3 часа

Силно торнадо го погоди бразилскиот град Шапеко, во сојузната држава Санта Катарина, предизвикувајќи голема материјална штета на локалниот аеродром, кој е затворен на неодредено време. Силниот ветер откорнал покриви од повеќе објекти, а еден од нив паднал врз помал авион, пренесува Си-ен-ен Бразил.

Поради оштетувањата на патничкиот терминал, хангарите и аеродромската инфраструктура, прекинати се сите полетувања и слетувања. Надлежните ги повикаа патниците да не доаѓаат на аеродромот додека трае проценката на штетата.

Во моментот кога торнадото го зафатило аеродромот, авион на компанијата „Азул“ се подготвувал за полетување. Пилотите биле принудени да ја прекинат постапката поради силниот ветер и речиси целосно намалената видливост.

„На пистата сме, ништо не гледаме. Авионот силно се тресе и се поместува“, јавил екипажот до контролната кула.

Бразилската цивилна заштита потврди дека во Санта Катарина се формирале две торнада, едно во Шапеко, а друго во Шансере. Измерени се удари на ветерот до 126 километри на час.

Невремето погодило 58 општини и оштетило 1.438 домаќинства, 86 училишта и 20 здравствени установи. Повредени се 24 лица, а последиците ги почувствувале околу 47.000 жители.

Потврден е и еден смртен случај во местото Рио Негрињо, каде што се урнала бензинска станица. Повеќе од 200 пожарникари работат на расчистување на последиците.

Метеоролозите предупредуваат дека веќе во петок навечер се очекува нов студен фронт, кој би можел да донесе дополнителни невремиња во регионот.

Текстот (Видео) Силно торнадо во Бразил откорна покриви, еден падна врз авион е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top