(Видео) Состојбата на Блискиот Исток се разгорува, Израел ја разгледува можноста за копнен напад на Газа

пред 4 години

Дури и по полноќ, конфликтот меѓу израелските и палестинските сили не стивна.

Проектили летаа од двете страни со несмален интензитет. Бројот на жртви расте и засега нема индиции дека ситуацијата може да се смири.

Медиумите емитуваа застрашувачки сцени на насилство по улиците на израелските градови.

Генералштабот на израелските одбранбени сили денеска ќе ја разгледа можноста за одобрување на копнена офанзива на појасот Газа, објави портпаролот на армијата, Хидај Зиберман.

Плановите за офанзива понатаму треба да бидат проследени до израелското политичко раководство на разгледување, пишуваат светските медиуми.

Тунис, Норвешка и Кина синоќа повикаа на нов итен состанок на Советот за безбедност на ООН за израелско-палестинскиот конфликт, јави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на дипломатски извори.

Сесијата треба да биде утревечер и ќе биде отворена за јавноста.

На сесијата се очекува учество на претставници од израелските и палестинските власти. Тоа ќе биде трета итна седница на Советот за безбедност посветена на ова прашање.

Хамас рано утрово лансираше ракети кон Тел Авив и Ерусалим, додека Израел ветува дека ќе продолжи да пука кон цели во Газа.

Сирените за опасност се огласија низ целиот Израел, поради што илјадници Израелци отидоа во засолниште.

Синоќа палестинскиот Хамас истрела ракети и кон најважниот израелски аеродром Бен Гурион.

Најмалку 67 лица се убиени во Газа од понеделникот кога ескалираше ситуацијата, објави Министерството за здравство на појасот Газа.

Share
Scroll to Top