(Видео) Сoлзавец и водени топови на протестите во Франција, шестмина уапсени во Нант

(Видео) Сoлзавец и водени топови на протестите во Франција, шестмина уапсени во Нант

пред 3 часа

Протестите во Франција се проширија во повеќе градови, каде полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите. Во Нант се уапсени шест лица по пријави за вандализам и грабежи, додека во Бордо дел од демонстрантите фрлале предмети кон полицајците и поставувале барикади.

Префектурата на регионот Пај де ла Лоар и департманот Лоар-Атлантик претходно силно им препорача на граѓаните да го избегнуваат центарот на Нант поради „непријавени собири“.

Во Лион полицијата употребила солзавец за да ги растера демонстрантите, а снимки од Марсеј исто така покажуваат употреба на солзавец против учесниците на протестите. Според еден демонстрант во Лион, на собирот имало околу 150 луѓе, главно средношколци и студенти, а полицијата речиси веднаш почнала да употребува солзавец.

Францускиот весник „Ле Паризиен“ објави дека полицијата користела и водени топови, додека извештаи за употреба на солзавец пристигнале и од Ница. Според телевизијата „Франс 3“, солзавец бил употребен и против неколку стотици демонстранти во Клермон-Феран.

Во Бордо, на југот на Франција, полицијата соопшти дека дел од демонстрантите фрлале предмети кон припадниците на безбедносните сили и поставувале барикади на плоштадот Плас де ла Бурс. Граѓаните биле повикани да го избегнуваат тој дел од градот.

Снимки објавени од префектурата покажуваат лица облечени во темна облека, со покриени лица, како отстрануваат даски од зграда и ги поставуваат долж улицата за да направат барикада.

Демонстрантите бараат Макрон да ги слушне

Во центарот на Париз, демонстрантите порачаа дека протестите ќе продолжат сè додека францускиот претседател Емануел Макрон не ги сослуша нивните барања.

Зели, 26-годишна учесничка на протестите, изјавила за Би-би-си дека граѓаните излегле на улиците бидејќи се „навистина фрустрирани“ и дека им е тешко откако Макрон дошол на власт.

Таа ги критикувала високите даноци и условите во образованието, наведувајќи дека наставниците се соочуваат со професионално исцрпување, а условите во нејзиното поранешно училиште биле лоши.

„Во зима во училиштето чувствувавме како дува ветер, а во лето температурата внатре достигнуваше 35 степени Целзиусови, поради што беше тешко да се учи“, изјавила таа.

Зели додала дека сака Макрон да разбере што им е потребно на граѓаните и да преземе конкретни мерки. Таа изразила и загриженост за својата иднина во Франција, наведувајќи дека шест месеци била без работа додека барала вработување во маркетингот.

Текстот (Видео) Сoлзавец и водени топови на протестите во Франција, шестмина уапсени во Нант е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top