Големи гужви и повеќечасовни чекања на излез од Грција преку граничниот премин Евзони синоќа предизвикаа тензии меѓу возачите, при што дошло до жестока расправија, а според сведоци, за малку била избегната и физичка пресметка.
Според информациите објавени од страницата „Пат до Грција“, на преминот синоќа се формирале долги колони од автомобили и автобуси, а дел од патниците излегувале од возилата поради долгото чекање. Поради нервозата што растела со часови, дошло до вербални конфликти меѓу повеќе возачи.
Во објавите и коментарите се наведува дека дополнителни тензии предизвикувале возачи кои ја заобиколувале колоната и се вклучувале пред другите возила што со часови чекале ред за премин.
Поради ваквите случаи, страницата „Грција инфо“ упати апел до сите патници да покажат трпение и да ги почитуваат правилата на сообраќајот.
„Во автомобилите што ги заобиколувате има деца, постари лица и семејства кои се уморни од долгото патување и повеќечасовното чекање. Неколку минути предност не вредат за расправии, конфликти и загрозување на безбедноста. Да бидеме трпеливи и да го почитуваме редот – одморот не треба да започне со кавга на граница“, се наведува во апелот.
На подолгото задржување влијае и примената на системот EES (Entry/Exit System) за регистрација при влез во Европската Унија, кој вклучува скенирање на лицето и земање отпечатоци од прсти, што ја продолжува граничната процедура.
Текстот (Видео) Тензии на граничниот премин Евзони поради повеќечасовни чекања, за малку избегната тепачка меѓу возачи е превземен од МАКФАКС.




