(Видео) Трамп: Преговорите се во финална фаза, можен е брз крај на војната – состанокот со Зеленски е во тек

(Видео) Трамп: Преговорите се во финална фаза, можен е брз крај на војната – состанокот со Зеленски е во тек

пред 1 час

Во резиденцијата Мар-а-Лаго на Флорида започнаа разговорите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Објавени беа и првите детали од салата за состаноци, според кои украинската делегација е сместена на една страна од масата, а американската делегација спроти нив.

Во американската делегација, покрај Трамп, учествуваат државниот секретар Марко Рубио, како и специјалните пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер. На состанокот присуствува и генералот Дан Кејн, претседател на Здружениот штаб и највисок воен функционер на САД.

По пристигнувањето на Зеленски, Трамп пред новинарите изјави дека е оптимист за можноста за постигнување мировен договор, оценувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин е сериозен во врска со мирот.

„Премногу луѓе загинаа и мислам дека двајцата претседатели сакаат да постигнат договор. Навистина верувам дека имаме основа за договор што е добар за Украина, добар за сите. Ништо не е поважно“, изјави Трамп.

Тој најави дека ќе постои силен безбедносен договор за Украина и нагласи дека европските држави се многу вклучени во целиот процес, оценувајќи дека тие се усогласени со напорите за постигнување договор.

Во меѓувреме, Зеленски соопшти дека е постигнат значаен напредок во мировниот план од 20 точки, наведувајќи дека украинскиот и американскиот тим завршиле околу 90 отсто од работата и дека наскоро ќе се разговара за преостанатите точки, меѓу кои и чувствителното прашање за територијата.

Трамп изрази уверување дека преговорите за завршување на војната се во финална фаза и дека е можен и брз крај на конфликтот, предупредувајќи на тешките последици доколку решение не се постигне наскоро.

„Или ќе заврши, или ќе продолжи долго време, а милиони дополнителни луѓе ќе умрат. И никој не го сака тоа“, изјави Трамп, додавајќи дека, според него, процесот може да се одвива многу брзо.

По кратките изјави пред јавноста, Трамп и Зеленски се повлекоа во внатрешноста на Мар-а-лаго, каде ги започнаа официјалните разговори.

Текстот (Видео) Трамп: Преговорите се во финална фаза, можен е брз крај на војната – состанокот со Зеленски е во тек е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top