Американскиот претседател, Доналд Трамп, повторно се закани со преземање на Гренланд, порачувајќи дека САД ќе го сторат тоа „на полесен или на потежок начин“, без оглед на ставот на Данска.
„Ќе преземеме нешто во врска со Гренланд, им се допаѓало тоа ним или не, затоа што ако ние не го направиме тоа, Русија или Кина ќе го преземат Гренланд, а ние не сакаме Русија или Кина да ни бидат соседи“, изјави Трамп, одговарајќи на новинарски прашања.
Тој додаде дека би претпочитал да се постигне договор, но остави отворена закана.
„Би сакал ова да го решиме со договор, знаете, на полесен начин. Но ако тоа не го направиме на полесен начин, ќе го направиме на потежок начин“, рече Трамп.
Trump: "We are going to do something on Greenland whether they like it or not because if we don't, Russia or China will take over Greenland. If we don't do it the easy way we're gonna do it the hard way." pic.twitter.com/Pb29UqBzCC
— Aaron Rupar (@atrupar) January 9, 2026
И покрај предупредувањата од данската премиерка Мете Фредериксен, која неодамна изјави дека американски напад врз Гренланд би значел крај на НАТО, Трамп продолжи да тврди дека ја поддржува Алијансата и тврди дека без неговата политика НАТО не би опстанал.
Идејата за американско преземање на Гренланд датира уште од 2019 година, кога Трамп првпат јавно ја спомена за време на својот прв претседателски мандат. Предлогот и тогаш наиде на брзо противење од данските и гренландските лидери.
Тој повторно ја актуелизираше темата во последните недели, особено по американскиот напад врз Венецуела и апсењето на претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга, настан што ја отсликува сè поофанзивната позиција на Белата куќа.
Во меѓувреме, жителите на Гренланд повеќепати ја изразија својата одбивност да станат дел од САД – според анкета од 2025 година, 85 отсто од населението ја отфрла таа идеја. Истражувањата, исто така, покажуваат дека само 7 отсто од Американците поддржуваат можна американска воена интервенција на територијата.
Текстот (Видео) Трамп: САД ќе го преземат Гренланд „на полесен или на потежок начин“ е превземен од МАКФАКС.






