Полицијата уапси повеќе од 1.7000 луѓе на протестите одржани низ цела Русија во средата, во знак на поддршка на критичарот на власта Алексеј Навални кој е во затвор.
Приврзаниците на најголемиот противник на рускиот претседател Владимир Путин се загрижени за Навални, кој штрајкува со глад, и велат дека неговата здравствена состојба се влошува, пренесува „Ројтерс“.
Неговиот портпарол беше осуден на 10 дена затвор, а друг близок соработник на Навални беше приведен истиот ден кога рускиот претседател Владимир Путин го предупреди Западот да не се меша во „црвените линии“ на Русија, без да го спомене Навални.
Студентка од протестот во Москва, по име Марина, рече дека тоа се последните обиди на слободна Русија.
„Излеговме на улица поради Алексеј, поради војната во Украина и жестоката пропаганда“, рече Марина.
ОВД-Инфо, група што ги следи протестите и притворите, соопшти дека се уапсени 1.782 лица, од кои 804 во Санкт Петербург и 119 во Уфа.
Демонстрантите во центарот на Москва извикуваа „Слобода за Навални“ и „Пуштете ги лекарите внатре“.
Сопругата на Навални, Јулија, се приклучи на протестот, каде што демонстрантите го извикуваа нејзиното име.
Навални претходно одлучи да започне штрајк со глад за да добие соодветна медицинска нега.
Официјални лица изјавија дека Навални добил медицинска помош како и секој друг затвореник и предупредија дека протестите се нелегални.