Косово, во соработка со Албанија и Хрватска, планира да започне производство на оклопното возило „Шота“, што би бил прв заеднички проект од ваков тип на Балканот. Веста ја потврди в.д. министерот за одбрана на Косово, Ејуп Мачедонци, наведувајќи дека разговорите со Албанија се во завршна фаза, по што договорот ќе биде проширен и на Хрватска, пишува „Кликс.ба“.
Во во интервју за емисијата „60 минути“, пренесено од порталот „Коха“, тој изјави дека партнерите веќе постигнале начелен договор за заеднички развој и производство на возилото со албански дизајн. Според него, производството би било географски распределено, така што секоја земја би била задолжена за изработка на различни компоненти.
Доколку проектот се реализира, тоа ќе биде првпат три балкански држави заеднички да произведуваат воено оклопно возило, кое би било наменето за нивните вооружени сили, но и за извоз. Оваа иницијатива е продолжение на меморандумот за соработка во областа на одбраната и безбедноста што Косово, Албанија и Хрватска го потпишаа во март во Тирана, при што е оставена можност и за приклучување на други земји.
U okviru trilateralne vojne suradnje, Kosovo, Albanija i Hrvatska ulaze u povijesni projekt zajedničke proizvodnje oklopnog vozila “Shota”, dizajniranog u Albaniji. pic.twitter.com/dwNGk4bcoc
— Vuk83J (@putnik833) December 27, 2025
Министерот нагласи и дека Косовските безбедносни сили напредуваат побрзо од очекуваното, надминувајќи ги целите поставени со Сеопфатниот план за транзиција од 2018 година. Тој потврди дека Косово веќе користи системи за противдронска заштита и размислува за дополнително зајакнување на тие капацитети.
Во иднина, Косово планира да премине кон целосна воена оперативност веќе од следната година, што вклучува набавка на системи за противвоздушна одбрана и хеликоптери. Се водат разговори со Пентагон за можната набавка на хеликоптери, при што министерот истакна дека Соединетите Американски Држави и Турција остануваат главни одбранбени партнери на Косово, заедно со проширување на соработката со Германија, Италија, Обединетото Кралство, Хрватска и Чешка.
Трилатералниот меморандум за одбрана предизвика остри критики од Србија, пишува „Индекс“. Белград тврди дека со него се крши регионалниот договор за контрола на вооружувањето од 1996 година, како и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, која, според српскиот став, го дефинира КФОР како единствена овластена вооружена сила на Косово.
Фото: pexels
Текстот (Видео) Хрватска, Косово и Албанија ќе произведуваат оклопно возило наречено „Шота“ е превземен од МАКФАКС.






