(Видео) Четворица мртви по упадот на толпата во Конгресот, членовите на владата зборуваат за отповикување на Трамп

пред 3 години

Синоќа стотици приврзаници на Трамп упаднаа во зградата на Конгресот на САД во Вашингтон. Четири лица се убиени, соопшти полицијата во американскиот главен град.

По четиричасовна опсада на зградата на Конгресот, пратениците повторно се собраа да продолжат со сесијата за верификација на победата на Џо Бајден на претседателските избори. Вашингтон сè уште е под полициски час, а зградата на Капитол и околните улици се опколени од припадници на интервентната полиција.

„Фејсбук“ и „Твитер“ избришаа неколку објави на Доналд Трамп во кои, откако неговите приврзаници упаднаа во Конгресот, тој ги повтори тврдењата за украдени избори, ја нарече толпата големи патриоти и напиша дека ги сака. Покрај тоа, „Твитер“ му забрани на Трамп 12 часа да тивта и објави дека е можно трајно да му се забрани да објавува ако продолжи да поттикнува насилство. „Фејсбук“ му забрани на Трамп да објавува 24 часа.

Бројот на апсења се очекува да се зголеми, а првичниот број е далеку помал отколку по протестите на 1 јуни, предизвикани од полициското убиство на црнецот Џорџ Флојд, кога беа уапсени повеќе од 300 лица, пренесува „Ројтерс“. Градоначалникот на Вашингтон рече дека полицијата има намера да побара помош од јавноста за идентификување на демонстрантите, од кои многумина се фотографирале и снимале и потоа ги објавиле снимките на социјалните мрежи. ФБИ подоцна во средата ја повика јавноста да им испрати фотографии и видеа за да им помогне да ги идентификуваат оние кои активно поттикнуваат насилство.

Две експлозивни направи се пронајдени синоќа во седиштето на републиканскиот и демократскиот националн комитет, а во Капитол е пронајдена гајба со молотови коктели.

Членовите на американската влада разговараат за можноста за предвремено отстранувње на актуелниот претседателот Доналд Трамп од власта, откако неговите приврзаници упаднаа во Конгресот, објавија американските медиуми.

Нивната дискусија се води околу 25. амандман на Уставот на САД, кој им овозможува на потпретседателот и мнозинството во владата да го прогласат претседателот за неспособен за извршување на својата работа, известуваат Се-ен-ен, Си-би-ес и Еј-би-си, повикувајќи се на анонимни извори.

Share
Scroll to Top