Руското државно обвинителство соопшти дека секој што ќе обезбеди финансиска или каква било друга помош на странска држава или меѓународна организација за да ја загрози безбедноста на Русија, ќе биде обвинет за предавство, со максимална казна од 20 години затвор.
„Секој факт за давање финансиска или друга помош ќе биде соодветно проценет“, соопшти обвинителството во неделата, на четвртиот ден од руската воена операција во Украина.
Од друга страна, критичарите обвинуваат дека руските власти ја задушуваат опозицијата и се пресметуваат со неистомислениците на претседателот Владимир Путин.
Само денеска руската полиција уапси повеќе од 900 луѓе на антивоените протести во 44 руски градови, со што вкупниот број на уапсени се искачи на повеќе од 4.000 од почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари, објави невладината организација за мониторинг на протестите ОВД Инфо.