Во Русија расте антивоениот отпор

пред 2 години

Се повеќе противници на војната ширум Русија го повикуваат претседателот Владимир Путин да ја запре инвазијата на Украина.

„Ние, руските лекари, медицински сестри и болничари, силно се спротивставуваме на нападот на руската војска на украинска територија“, се вели во петицијата потпишана од повеќе од 300 луѓе.

Десетици руски хуманитарни организации испратија отворено писмо до Путин со барање да ја прекине војната.

„Војната е хуманитарна катастрофа што предизвикува болка и страдање. Сметаме дека решавањето на политичките конфликти со сила е нехумано, затоа ве повикуваме да го прекинете огнот и да започнете преговори“, се вели во писмото.

Повеќе од 2.000 луѓе се приведени од четвртокот поради учество во антивоени протести. Руските власти избегнуваат да го користат зборот „војна“ во медиумите и наместо тоа ја опишуваат инвазијата на Украина како „воена операција“.

Странските телевизиски канали со денови се блокирани во голем станбено-деловен комплекс во центарот на Москва, каде заедно со руски официјални претставници живеат и работат бројни дипломати и странски дописници, пишуваат агенциите.

Раководството на зградата го наведе дефектот на сателитски системи како причина за блокадата и понуди да ги активира националните ТВ канали на Русија.

Путин рече дека ја нападнал Украина затоа што, како земја која претендира да влезе во НАТО, сака да ја разоружа, но и да ја ослободи од нејзината „неонацистичка“ влада.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Путин за агресија без преседан и најави дека Украина ќе пружи отпор.

Зеленски им се заблагодари на многу истакнати руски уметници, интелектуалци и медиумски луѓе кои отворено се спротивставија на војната.

Дури и член на Руската комунистичка партија, Михаил Матвеев, побара прекин на војната. Тој рече дека кога гласал во парламентот за признавање на независноста на Доњецк и Луганск, не мислел на започнување војна.

„Мислам дека војната мора веднаш да се прекине. Кога гласав за признавање на Доњецката Народна Република и Луганската Народна Република, гласав за мир, а не за војна“, рече Матвеев.

Неговата намера, рече тој, е Русија да биде штит за да не биде бомбардиран Донбас, а не да го бомбардира Киев. Донбас е регион во источна Украина каде што се наоѓаат Доњецк и Луганск.

Многу Руси и преку социјалните мрежи го изразуваат своето згрозување од руската инвазија на Украина.

Share
Scroll to Top