Во САД за прв пат по три месеци помалку од 1.000 починати во еден ден

пред 3 години

За прв пат по речиси три и пол месеци, САД во понеделникот забележаа помалку од 1.000 смртни случаи во еден ден од последиците на Ковид-19, објави универзитетот „Џон Хопкинс“.

За 24 часа починале 749 лица, далеку под рекордот од 4.473 починати на 12 јануари. Дневниот број на жртви во САД не е под илјада од 29 ноември, кога за 24 часа починале 822 лица. Тоа укажува на континуирано забавување на епидемијата во земјата и е добра вест за претседателот Џо Бајден, чиј огромен пакет помош од 1,9 билиони долари беше донесен во Сенатот во саботата и ќе ја зајакне неговата стратегија за вакцинација.

Програмата за вакцинација на САД започна во декември сега е во полн ек и скоро 10 проценти од населението, околу 31,5 милиони луѓе, ги примиле двете потребни дози на „Фајзер“ или „Модерна“ или единечна доза вакцина на „Џонсон и Џонсон“.

Здравствените власти објавија дека целосно вакцинираните лица против Ковид-19 може да се состанат во мали групи со други вакцинирани лица без потреба да носат маски. Сепак, мора да продолжат да се почитуваат мерките на претпазливост во присуство на невакцинирани лица и на јавни места.

Share
Scroll to Top