Советот на здравствени експерти предложи да се продолжи карантинот во Словачка до 16 декември и препорача што поголем број вработени да работат од дома, како и поинтензивни проверки за почитување на полицискиот час, изјави денеска портпаролката на Министерството за здравство Зузана Елијасова.
Таа додаде дека експертите предложиле нова мерка – воведување на режимот ОТП, што значи дека само вакцинираните, негативни на тестот или оние што се опоравиле од Ковид-19 можат да патуваат со возови и меѓуградски автобуси, пренесе ТАСР.
Експертите изјавија дека намалувањето на мобилноста е најефективното краткорочно средство за намалување на стапката на ширење на Ковид-19.
Министерството за здравство соопшти дека епидемиолошката состојба во Словачка, 10 дена по воведувањето на карантинот, не е видно подобрена.
„Просечниот дневен пораст останува над 10.000 позитивни, бројот на пациенти со Ковид-19 во болниците варира околу 3.400, а бројот на починати е зголемен за 38 отсто во однос на минатата недела“, рече Елиасова.
Според Министерството за здравство, добра вест е зголемениот интерес за првата доза од вакцината Ковид-19.
Стапката на вакцинација на возрасната популација со барем првата доза од вакцината сега е 58 проценти.
Владата минатата недела воведе карантин поради лошата состојба со пандемијата и големиот број луѓе кои беа примени во болниците со Ковид-19.
Од Владата најавија дека по 10 дена ќе се преиспитаат мерките.