Вучиќ: Нe грижете се за ревакцинацијата, ни пристигнуваат 40.000 дози руска вакцина

пред 3 години

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека утре во Србија ќе пристигнат 40.000 дози руска вакцина „спутник V“, 20.000 за вакцинација и 20.000 за ревакцинација, а и другите вакцини ќе продолжат да пристигнуваат.

Вучиќ исто така најави дека вакцините на „Фајзер“ ќе пристигнуваат сукцесивно – 9.000 дози до 8 февруари, 41.000 до 15 февруари, а други 42.000 се очекуваат на 20 февруари.

„Велам 20 плус 20 затоа што втората доза не е иста како и првата, руската вакцина има различна содржина на таа вакцина, затоа особено внимавајте на првата и втората доза“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека е благодарен за сите вакцини што дошле во Србија, но дека е потребно многу повеќе.

„Имаме 6,5 милиони вакцини во договорите, а не можеме да ја добиеме вакцината. Среќен сум кога земаме 10.000 дози од пријатели, но не можеме да кажеме од кого ги зедовме“, рече Вучиќ во изјава за медиумите во Домот на гардата во Топчидер.

Тој додаде дека сите луѓе кои се вакцинирани не треба да се грижат за ревакцинацијата.

„Ние не си играме со тоа. Добивме совет од лекари кои рекоа вакцина-ревакцинација. Подобро е да се знае дека имаме заштитени 600.000 луѓе, отколку да погодуваме кој од 1,2 милиони е заштитен (ако прими само една доза и не е ревакциниран). Секој што примил вакцина ќе добие ревакцинација“, подвлече Вучиќ.

Share
Scroll to Top