Вучиќ: Хрватска сака да ја понижи Србија

пред 4 години

Србија сака да има добри и коректни односи со сите во своето опкружување, а постапките и изјавите од Хрватска не се израз на почит кон Србија, туку обид за понижување, рече српскиот претседател Александар Вучиќ.

Реагирајќи на изјавите на хрватскиот министер за надворешни работи дека Хрватска ќе го зголеми бројот на нејзините припадници во КФОР затоа што тоа е значајно за официјален Загреб заради зачувување на мирот во регионот, Вучиќ рече дека Хрватска можела да го одбие КФОР и дека таквата одлука е донесена со цел „понатамошно понижување на Србија“.

Претходно денес, хрватското Министерство за надворешни и европски работи ги нарече остри изјавите на Белград за зголемениот ангажман на хрватските војници на Косово кои беа оценети како „хистерични шпекулации“, објавуваат медиумите во регионот.

Во денешното соопштение, од министерството за надворешни работи на Хрватска се истакнува дека министерот Гордан Грлиќ Радман го посети 34-от хрватски контингент во мисијата КФОР како дел од официјалната посета на Косово, отфрлајќи ги изјавите на Вулин како „хистерични шпекулации на Србија“ кои се „насочени против Хрватска“ и алудираат на различни воени и слични активности , што министерството ги смета за крајно смешни и апсурдни .

„Можеа да го одбијат КФОР, но намерно донесоа таква одлука со цел дополнително да ја понижат Србија. Ја примивме пораката и ја разбравме“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ пред новинарите.

Тој им порача на Србите во Косово „да не се грижат“ и најави дека за неколку дена ќе разговара со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Брисел, истакнувајќи ја посветеноста на Србија за избегнување конфликти и зачувување на мирот. Вучиќ рече дека им кажувал на сите кои мислат дека ќе има нови бури и нови протерувања дека тоа нема да се случи.

Share
Scroll to Top