Официјалната претставничка на Европска Унија, Сандра Галина, ја критикуваше „Астразенека“ поради недоволното производство на вакцини против коронавирус за европскиот блок.
Галина, шефица на Директоратот за здравство на Европската комисија, им рече на пратениците дека производителите на вакцини како „Фајзер“ и „Модерна“ во голема мера ги исполниле своите обврски, но дека има проблем со „Астразенека“.
„Значи, тоа е договор со кој имаме сериозен проблем“, рече Галина, пренесе „Асошиејтед прес“.
Европската Унија се соочи со критики поради бавниот процес на вакцинирање.
Галина посочи дека огромна одговорност лежи врз вакцината на „Астразенека“, која треба да биде „двигател“ на кампањата за вакцинација, бидејќи е поевтина и полесна за транспорт, а компанијата требаше да ја испорача во огромни количини во првата половина на годината.
„Ние не добиваме ниту една четвртина од нарачаните вакцини“, рече Галина, додавајќи дека „Астразенека“ може да очекува мерки од ЕУ.
„Имаме намера, секако, да преземеме акција затоа што, знаете, ова е прашање што не може да остане незабележано“, рече официјалната претставничка на ЕУ.