Новата германска влада ќе формира кризен штаб за сузбивање на пандемијата, кој треба да дејствува брзо, а она што е интересно е што со него ќе раководи генерал на Бундесверот, пишува „Дојче веле“.
Идната германска сојузна влада сака да формира нов кризен штаб што е можно поскоро, поради ефикасно сузбивање на пандемијата, а идниот сојузен министер за финансии, Кристијан Линднер, најави дека на чело ќе биде германски генерал.
Според информациите на весникот „Зидојче цајтунг“, станува збор за генерал-мајор Карстен Бројер, кој од 2018 година е на чело на командата за територијални задачи на германската војска (Бундесвер), што е задолжена за соработка на воените сили со цивилните организации.
Според упатените, од избувнувањето на пандемијата во Германија, 56-годишниот генерал постигнал извонредни резултати, особено кога станува збор за исполнување на барањата за помош што масовно доаѓале до Бундесверот во одредени периоди.
Како што се наведува, она што е интересно е тоа што повеќе од една година во борбата против пандамијата е вклучен уште еден генерал-мајор, а тоа е докторот на Генералштабот Ханс-Улрих Холтерм (57), кој претходно бил управител на воената болница во Улм и кој од март 2020 година води оддел наречен „Здравствена заштита, здравствена сигурност и одржливост“ во рамките на сојузното Министерство за здравство.
Според наводите, невообичаено е еден офицер да биде на чело на кризниот штаб, а воените експерти на ова ново назначување првенствено гледаат како ПР и го поставуваат прашањето дали во ваква ситуација првиот човек на кризниот штаб ќе одговара пред министерот за одбрана.
Претходно, портпаролот на владата во заминување, Штефен Зајберт, јасно стави до знаење дека политичарите ќе одлучуваат за насоката на борбата против Ковид-19 и во иднина.
Но, можноста за назначување на висок офицер на чело на кризниот штаб во секој случај на борбата против ширењето на заразата ѝ дава воен призвук.