Германската влада од есен има намера да го укине бесплатното тестирање за Ковид-19. Според нацрт-уредбата, за која денеска ќе се расправа на седницата со провинциите, се планира бесплатното тестирање да се укине од октомври.
Со оваа мерка, германската влада сака дополнително да ги мотивира луѓето кои досега не биле вакцинирани, да примат вакцина против коронавирусот, бидејќи оние кои не се вакцинирани мора да бидат тестирани за да ги користат услугите на ресторани, базени, хотели и слично.
Сега овие тестови се бесплатни за граѓаните, но ја чинат државата многу.
Владата смета дека, бидејќи има доволен број вакцини, граѓаните сами избираат дали сакаат да се вакцинираат или не, и со тоа преземаат одговорност за својата одлука, а даночните обврзници не треба да плаќаат за нивното одбивање да се вакцинираат.
Сопствениците на лаборатории и фармацевти го критикуваа планираното укинување на бесплатните тестови. Претседателот на Комората на фармацевти на Германија, Томас Бенкерт, рече дека бесплатните тестови мора да продолжат да бидат достапни за граѓаните кои не се вакцинирани од лични причини.
Здружението на лаборатории изрази сомневање дека укинувањето на бесплатното тестирање ќе ги натера луѓето да се вакцинираат.
„ Ќе се случи спротивното, а тоа е дека и тие ќе избегнуваат тестирање “, посочи претседателот на Здружението, Андреас Бобровски.
А претседателот на Светската медицинска асоцијација, Франк Улрих Монтгомери, ги оправдува намерите на Владата. Тој прашува зошто општеството треба да плаќа за тестови на луѓе кои не сакаат да се вакцинираат.