Германија ја забрани исламската организација „Ансар интернешнел“, која е осомничена за финансирање тероризам низ целиот свет, соопшти денеска германското Министерство за внатрешни работи.
„Ако сакате да се борите против тероризмот, мора да ги исушите неговите извори на финансирање“, напиша германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер на „Твитер“, пренесува „Ројтерс“.
Interior Minister Horst Seehofer announced that Germany has banned the Islamist organization Ansaar International and several of its sub-organizations.https://t.co/6tsrzi0lnH
— DW News (@dwnews) May 5, 2021
„Исламската организација ‘Ансар’ и здружената организација ширеа салафистички поглед кон светот и финансираат терор низ целиот свет под маската на хуманитарна помош“, изјави министерот.
Полицијата извршила претрес во нивните простории во 10 германски сојузни покраини, како дел од напорите за забрана на таа организација, пишува германскиот дневен весник „Билд“.
Во 2019 година, полицијата изврши претрес во канцелариите кои припаѓаа на „Ансар“ и хуманитарната организација „Ворлдвајд резистенс-хелп“, поради сомнеж дека ја финансирале палестинската милитантна група Хамас, која е на „црната листа“ во Европската Унија како терористичка организација.
Организацијата Ансар на својата интернет-страница наведува дека обезбедува хуманитарна помош за луѓето погодени од војна и кризи.