Германскиот стартап „Исар Аероспејс“ (Isar Aerospace) денеска соопшти дека наскоро ќе го зголеми бројот на лансирања на сателити, откако неговата ракета „Спектрум“ (Spectrum) за првпат беше лансирана во орбитата од космодром во Норвешка, што претставува пресвртница во европските напори за обезбедување независен пристап до вселената.
Беспилотната ракета „Спектрум“ стана првата комерцијална ракета што од континентална Европа стигнала до орбитата, што претставува значаен пробив за регионот во кој неколку земји се обидуваат да обезбедат свое место на брзорастечкиот пазар за лансирање сателити.
„Можноста за лансирање во моментов е најголемото тесно грло во целата индустрија“, изјави пред новинарите Даниел Мецлер, коосновач и извршен директор на „Исар“.
Congrats to @IsarAerospace for historic launch from Andøya Spaceport, Norway! Europe’s independent access to space just got a major boost!
Thrilled to see EU tools help startups scale from lab to launchpad and a visible European commercial space company. #EUSpace #Cassini https://t.co/p5X3Ut0B0R
— Andrius Kubilius (@KubiliusA) September 6, 2026
„Исар“ е приватна компанија и сè уште е добро финансирана, рече Мецлер, додавајќи дека излегувањето на берза во моментов „не е опција“.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го поздрави лансирањето со соопштение во кое го нарече „почеток на нова ера“.
Мерц во март ја посети локацијата за лансирање на „Исар“ и ги истакна напорите на Европа да воспостави поголема автономија во време кога глобалниот поредок, некогаш предводен од Соединетите Американски Држави, се менува под американскиот претседател Доналд Трамп.
Лансирањето беше изведено од норвешкиот космодром Андеја, а „Спектрум“ носеше пет мали сателити и еден технолошки експеримент, соопшти „Исар“. Ракетата е дизајнирана за растечкиот пазар на мали и средни товари.
„Независниот пристап на Европа до вселената штотуку доби голем поттик“, напиша еврокомесарот за одбрана и вселена Андриус Кубилиус на социјалната мрежа Икс.
Ова беше второ лансирање на „Исар“, 18 месеци откако првата ракета на компанијата падна во морето и експлодираше во огнена топка набргу по полетувањето од истата локација. Во инцидентот немаше повредени.
„Исар“ објави дека во моментов произведува уште пет ракети и дека сега е фокусиран на зголемување на бројот на лансирања за да одговори на сè поголемата побарувачка, со долгорочна цел да изведува околу 40 лансирања годишно.
„Исар“ минатата недела соопшти дека од Европската вселенска агенција обезбедил околу 200 милиони евра за финансирање на развојот на нови ракети и проширување на инфраструктурата за тестирање и лансирање.
Текстот Германска ракета првпат стигна до орбитата од континентална Европа: „Почеток на нова ера“ е превземен од МАКФАКС.





