Германските граѓани ѝ веруваат на владата сè помалку: поддршката  падна на рекордно ниско ниво

Германските граѓани ѝ веруваат на владата сè помалку: поддршката падна на рекордно ниско ниво

пред 2 часа

Поддршката за владата на германскиот канцелар Фридрих Мерц падна на рекордно ниско ниво, со само 15 проценти задоволни граѓани, додека 84 проценти од испитаниците се незадоволни од работата на коалицијата на Христијанско-демократскиот сојуз на Германија/Христијанско-социјалниот сојуз на Баварија (CDU/CSU) и Социјалдемократската партија на Германија (SPD), покажува денес најновото истражување на „ARD Deutschlandtrend“.

Според резултатите од истражувањето, поддршката за владата паднала за 9 процентни поени од почетокот на март, а според Дојче Веле (DW), личниот рејтинг на канцеларот Мерц останува низок со само 21 процент од гласачите задоволни од неговата работа, што е само малку повеќе од рекордно ниската поддршка на неговиот претходник, Олаф Шолц.

Лошите резултати укажуваат на незадоволство од работата на владата, која е придружена со политички проблеми и внатрешни тензии.

Миграциската политика, вклучително и предлогот до 80 проценти од сириските бегалци да ја напуштат Германија, предизвика критики дури и во самата коалиција, истакнува бриселскиот „Политико“.

Критики предизвикаа и обидите за постигнување договор со Талибанците за депортација на мигранти во Авганистан, како и воведувањето построги гранични контроли.

Според бриселскиот портал, економската политика исто така не успеа да ги освои гласачите.

По доаѓањето на власт, Мерц вети дека ќе ја модернизира земјата и ќе го стимулира растот со инвестициски план вреден 500 милијарди евра, но реформите напредуваат побавно од очекуваното, додека невработеноста се искачи на 6,6 проценти, највисоко ниво за повеќе од една деценија.

Политичките последици се веќе видливи – ЦДУ претрпе тежок пораз на регионалните избори во Баден-Виртемберг на почетокот на март, додека десничарската Алтернатива за Германија (АфД) е изедначена со конзервативците на националните анкети.

Иако ЦДУ бележи малку подобар резултат од коалицискиот партнер, СПД има поддршка од само 13 проценти од граѓаните, додека вицеканцеларот и министер за финансии Ларс Клингбајл е поддржан од 18 проценти од испитаниците.

Слабите резултати на СПД ги одразуваат и лошите изборни резултати во Баден-Виртемберг, каде што партијата освои 5,5 проценти од гласовите, како и поразот во Рајнска област-Пфалц по 35 години власт.

Овие резултати, објаснува ДВ, претставуваат лош сигнал за двете владејачки партии пред претстојните клучни покраински избори во источна Германија, каде што АфД води според анкетите, додека расте притисокот врз канцеларот Мерц да ја стабилизира владата, која, според аналитичарите, ја губи довербата кај граѓаните.

Текстот Германските граѓани ѝ веруваат на владата сè помалку: поддршката падна на рекордно ниско ниво е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top