Бројот на нови случаи на зараза со коронавирус повторно се зголемува. Ние сме во третиот бран на пандемија, рече германскиот министер за здравство Јенс Шпан на денешната прес-конференција.
Потпретседателот на институтот „Роберт Кох“, Ларс Шаад, исто така, истакна дека земјата е погодена од сè поголем број на нови инфекции, особено кај оние под 50 години.
Властите додадоа дека позаразниот британски вид на коронавирус претставува три четвртини од позитивните случаи во Германија, пишува ЗДФ.
„Излезот од пандемијата е вакцинирање. Седум милиони жители ја примија првата доза”, рече Шпан, залагајќи се за продолжување на вакцинацијата со „Астра зенека“.
„Сè уште нема доволно вакцини во Европа за да се запре третиот бран“, додаде тој.
Германија во четвртокот го потврди најголемото зголемување на новозаразени во последните два месеци. Потврдени се вкупно 17.504 нови случаи, што е најголем дневен раст од 2 јануари, објави во четвртокот институтот „Роберт Кох“.
Во изминатите 24 часа е потврден бројот на 227 смртни случаи, при што починаа 74.132 лица од почетокот на пандемијата, а бројот на заразени во Германија досега е 2.612.268.