Градот Сеул се извини за смртта на заболен од Ковид-19 кој починал додека чекал болнички кревет

пред 4 години

Локалната влада на јужнокорејската престолнина Сеул се извини откако маж на возраст од околу 60 години заболен со Ковид-19 починал чекајќи болнички кревет, објави Си-Ен-Ен.

„Градот Сеул изразува длабоко сочувство за пациентот кој починал додека чекал дома за болнички кревет. Чувствуваме голема одговорност“, соопшти владата.

Од таму додаваат дека од почетокот на декември поради зголемувањето на бројот на пациенти и преоптоварување на административниот  и медицинскиот систем, имало тешкотии во распределбата на кревети.

Починатиот маж добил позитивен тест на Ковид-19 на 12 декември откако неговата сопруга имала позитивен тест претходниот ден. Тој пријавил благи симптоми, кои вклучуваат чешање во грлото.

Бидејќи човекот пријавил само благи симптоми, тој „бил со низок приоритет“. За него бил побаран кревет на 12 декември, но не бил примен. Два дена подоцна, на 14 декември, тој пријавил потешки симптоми.

Додека го чекал креветот, човекот починал.

Заклучно со вчера, 227 заболени со Ковид-19 во Сеул, на кои им треба хоспитализација, чекаат повеќе од еден ден да бидат примени во болница, според официјалниот службеник за здравство во градот Сеул, Парк Ју-ми.

Таа додаде дека бројот на пациенти кои чекаат за кревет значително се зголемил во претходните неколку денови.

Парк рече дека градот работи на проширување на бројот на достапни кревети како и за зголемен надзор на пациентите кои чекаат кревет од дома.

Во цела Јужна Кореја, пак, 496 лица моментално чекаат болнички кревет.

Share
Scroll to Top