Состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 – Велика Британија, Франција, Германија, Италија, САД, Канада и Јапонија, кои се собраа на едно место за прв пат во последните две години, продолжува денес во Лондон, а ќе биде дискутирано за новите начини да се одбрани меѓународното право.
Дискусиите за кризата во Мјанмар, како и за односите со Русија, Кина и Иран, ќе ги води британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, кој оцени дека собирот е добра можност да се разговара за заедничките предизвици и растечките закани, пренесува „Би-би-си“.
За време на вчерашната средба на министерот за надворешни работи на Велика Британија Доминик Раб и на САД Ентони Блинкен, беше наведено дека е потребно зајакнување на глобалниот сојуз на слободарските земји, дека Кина да не треба да биде запрена, но дека Пекинг мора да прифати да ги почитува правилата.
На денешните состаноци ќе се разговара за ситуацијата во Мјанмар и преземање на поодлучни мерки против воената хунта, кои вклучуваат поостри санкции, поддршка за спроведување на ембаргото за оружје и поголема хуманитарна помош.
Во вториот дел од денешните дискусии, темите ќе бидат Русија и прашањата како да се одговори на распоредувањето на руски трупи долж границата со Украина и третманот на опозицискиот лидер Алексеј Навални.
Доминик Раб претходно објави дека Г7 треба да размисли за воспоставување заедничка служба за борба против руската дезинформација и пропаганда.
Како дел од продлабочувањето на односите на Велика Британија со земјите од Индо-пацифичкиот регион, официјалните претставници на Индија, Австралија и Јужна Кореја беа поканети да присуствуваат како гости на тридневниот самит.
„Британското претседателство со самитот Г7 е можност да се соберат претставници на отворени, демократски општества и да покажат единство во време кога треба заедно да се соочиме со предизвици и растечки закани“, рече Доминик Раб, пренесува „Ројтерс“.
Велика Британија, која е ротирачки претседател на Г7, смета дека оваа недела е шанса да се потврди влијанието на Западот и да се решат прашања како што се закрепнување од коронавирусот, климатските промени и односите со Кина и Русија, пренесува „Ројтерс“.
Раб и Блинкен исто така треба да ги постават темелите за првото планирано патување на американскиот претседател Џо Бајден во странство од стапувањето на должноста. Во тој контекст, „Ројтерс“ забележува дека самитот на лидерите на Г7, што се одржува во јуни во Велика Британија, треба да ја оживее соработката меѓу тие традиционални сојузници.