Нема победници во царинските војни, изјави кинескиот претседател Шји Џјинпинг за време на средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез во Пекинг.
„Да одиш против светот води до самоизолација“, рече кинескиот претседател.
„Развојот на Кина во изминатите седум децении е резултат на самодовербата и напорната работа, а не на наклонетоста на другите. Кина нема да отстапи под никаков неправеден притисок“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на платформата Х.
Беше нагласено дека Кина ќе остане самоуверена, сталожена и концентрирана на доброто управување со своите работи „без разлика како се менува надворешното опкружување“.
„Кина и ЕУ треба да ги зајакнат своите меѓународни одговорности, заеднички да ги заштитат економската глобализација и меѓународната трговска средина и заеднички да отфрлаат унилатерални и малтретирачки акции. Кина и ЕУ треба да ги бранат не само своите легитимни права и интереси туку и меѓународната правичност и правда и меѓународните правила и поредок“, изјави Мао на X.
Тензиите меѓу Кина и САД ескалираа кога американскиот претседател Доналд Трамп во средата ги зголеми царините за Пекинг од 84 на 125 отсто. Оваа стапка се надоврзува на царината од 20 проценти што тој претходно ја воведе, со што вкупната стапка за Кина достигна 145 проценти.
Кина во четвртокот исто така воведе царини од 84 отсто како одговор. И денеска најави ново зголемување, на 125 отсто, од сабота.
Сепак, Трамп во четвртокот рече дека би сакал да постигне договор со Кина.
Текстот „Да одиш против светот води кон самоизолација“: се огласи кинескиот претседател по потегот на Трамп за царините е превземен од МАКФАКС.