Пред федералниот суд Даниел Патрик Мојнихан во Менхетен, каде што денес Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес ќе се појават пред судијата, се собраа десетици демонстранти, барајќи ослободување на уапсениот венецуелски лидер.
Дел од толпата носеше транспаренти со пораката „Ослободете го претседателот Мадуро“, додека други демонстранти истовремено ги поддржаа потезите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во Венецуела и го прославија притворањето на Мадуро.
Амбасадорот на САД во ОН, Мајк Валц, на состанокот на Советот за безбедност изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „ѝ даде шанса на дипломатијата“ во Венецуела, тврдејќи дека Николас Мадуро „не е само обвинет дилер на дрога“, туку и „нелегитимен таканаречен претседател“ кој, како што рече, не е шеф на државата.
„Ако ОН и ова тело му даваат легитимитет на нелегитимен наркотерорист и го третираат исто како демократски избран претседател или шеф на држава, каква организација е тоа?“, рече Валц.
Осврнувајќи се на улогата на Трамп во апсењето на Мадуро за време на викендот, тој рече: „Сакам да повторам – претседателот Трамп ѝ даде шанса на дипломатијата. Тој му понуди на Мадуро повеќе опции, тој се обиде да ја деескалира ситуацијата. Мадуро ги отфрли. Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека наркотероризмот мора да заврши, но тој продолжи. Соединетите Американски Држави нема да се откажат од своите акции за заштита на Американците од неволјата на наркотероризмот и за барање мир, слобода и правда за големиот народ на Венецуела“, рече Валц.
фото/епа
Текстот Демонстранти пред судот во Њујорк бараат ослободување на Мадуро е превземен од МАКФАКС.






