Денеска состанок на експертите на СЗО за вакцината на „Астразенека“

пред 4 години

Експертите од Светската здравствена организација (СЗО) ќе се состанат денеска за да разговараат за вакцината на „Астразенека“, чија употреба е суспендирана во повеќе европски земји, поради страв од згрутчување на крвта.

СЗО, „Астразенека“ и Европската агенција за лекови (ЕМА) инсистираат на тоа дека вакцината е безбедна и нема никаква врска со пријавените случаи со згрутчување на крвта.

„ Не сакаме луѓето да паничат и, засега, препорачуваме земјите да продолжат да се вакцинираат со вакцината на „Астразенека“. Досега не најдовме врска помеѓу пријавените случаи и вакцината“ рече научникот од СЗО, Соумја Сваминатан.

Експертите на СЗО и ЕМА одделно ќе разговараат за податоците добиени од вакцинацијата со вакцината на „Астразенека“, а европскиот регулатор ќе одржи вонреден состанок два дена подоцна за да одлучи за понатамошните постапки.

Шпанија, Португалија и Кипар синоќа привремено ја прекинаа употребата на вакцината на „Астразенека“.

Властите на трите земји ја донесоа одлуката откако Франција, Германија, Италија, Данска, Норвешка и неколку други земји го сторија истото поради извештајот за потенцијални сериозни несакани ефекти.