Додик по одземање на мандатот: Уште едно с**** од Сараево

Додик по одземање на мандатот: Уште едно с**** од Сараево

пред 2 месеци

Централната изборна комисија на БиХ (ЦИК) денес му го одзеде мандатот на Милорад Додик како претседател на Република Српска, врз основа на конечна пресуда на Судот на БиХ, со која тој беше осуден на една година затвор за неспроведување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница.

ЦИК едногласно му го одзеде мандатот на Додик (66) како претседател на ентитетот, на седница одржана во Сараево, заклучувајќи дека тоа е во согласност со одредбите од Изборниот закон на БиХ, кој предвидува таква мерка за секој избран функционер осуден на затворска казна од повеќе од шест месеци.

Додик сè уште има можност да поднесе жалба на оваа одлука, која може да ја поднесе до Апелациониот оддел на Судот на БиХ, што е механизам што се применува во случаите на сите одлуки на ЦИК на БиХ.

Конечната пресуда на Судот на БиХ, објавена на 1 август, исто така му забрани на Додик политичка активност во период од шест години. Во пракса, ова значи дека тој не може да биде кандидат на избори за која било функција или да биде назначен на која било позиција во органите на извршната, законодавната или судската власт, или во која било институција чија работа е целосно или делумно финансирана од јавни средства.

Доколку сака да ја продолжи својата политичка кариера, Додик ќе може да го стори тоа дури откако ќе наполни 72 години, откако суверено ги управуваше политичките процеси во РС речиси две децении, доведувајќи го во прашање опстанокот на БиХ како држава, поради што беше под санкции од САД, Велика Британија и некои земји-членки на ЕУ.

Тој не мора нужно да оди во затвор бидејќи може да побара оваа казна да се замени со парична казна со плаќање на 100 конвертибилни марки, или 50 евра, во државниот буџет за секој ден што го поминува зад решетки. Таквото барање мора да биде одобрено од судот што ја донел пресудата.

Изборниот закон на БиХ предвидува нови избори да се распишат во рок од 90 дена по завршувањето на мандатот на претседателот на РС, но уставот и законите на ентитетот не утврдиле прецизно кој ќе ја извршува претседателската функција во меѓувреме.

Веднаш по изрекувањето на пресудата, првата лута реакција на Додик беше дека нема да се повлече од функцијата претседател на РС, ниту пак ќе дозволи предвремени избори или отворање на гласачки места на територијата на тој ентитет.

„Уште едно срање од Сараево. Последното“, напиша тој на X.

Фото: ЕПА

Текстот Додик по одземање на мандатот: Уште едно с**** од Сараево е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top