Документарец за кралското семејство, забранет од кралицата Елизабета, се појавил на „Јутјуб“

пред 3 години

Документарец за британското кралско семејство од 1969 година, чие прикажување кралицата Елизабета Втора, наводно, го забранувала со децении, бидејќи открива премногу интимни детали, се појавил на „Јутјуб“.

Филмот одблиску дава увид во настаните во кралскиот дом, а го гледале милиони луѓе кога за прв пат бил емитуван на Би-би-си.

После тоа бил зачуван во архивата на британскиот јавен сервис, наводно по барање на Бакингемската палата, и не бил емитуван од 70-тите години на минатиот.

Според Си-ен-ен, не е познато како филмот наречен „Кралско семејство“ повторно е пронајден, ниту кој го објавил на „Јутјуб“, но набрзо бил отстранет врз основа на барањата за авторски права.

Меѓу контроверзните сцени наводно е и онаа во која кралицата го споредува американскиот амбасадор со горила.

„Тоа беше горила. Бев во ужасна неволја, тој имаше кратко тело и долги раце“, гласела нејзината изјава во филмот.

Во друга сцена од секојдневниот живот на членовите на кралското семејство, тие вечераат заедно, а понатаму во филмот кралицата ја пребарува чантата за во продавницата да купи слатки за шестгодишниот принц Едвард, што во тоа време се сметало за револуционерен приказ на недопирливото семејство во нова светлина.

Филмот кој трае 110 минути во 1969 година го гледале 30 милиони луѓе и сè уште се смета за една од најгледаните британски телевизиски емисии.

Би-би-си проценува дека го виделе повеќе од 350 милиони луѓе ширум светот.

Неговата продукција неодамна беше прикажана во серијата „Круната“ (The crown) на „Нетфликс“, која го покажува незадоволството на благородниците поради поставувањето на ТВ камери во нивните простории.

Share
Scroll to Top