Европа повторно под топлотен удар: Франција и Холандија воведоа вонредни мерки, температурите до 40 степени

Европа повторно под топлотен удар: Франција и Холандија воведоа вонредни мерки, температурите до 40 степени

пред 3 часа

Нов топлотен бран ја зафати Западна Европа, а Франција и Холандија воведоа посебни мерки поради екстремно високите температури кои во делови од регионот во текот на викендот ќе достигнат и до 40 степени Целзиусови.

Француската метеоролошка служба прогласи црвено ниво на предупредување поради топлотниот бран во 24 департмани, меѓу кои е и целиот регион Ил-де-Франс, каде се наоѓа главниот град Париз.

Франција со највисок степен на тревога

Ова е трет топлотен бран што ја погодува Франција од мај годинава, а највисок степен на подготвеност е активиран во северозападниот дел од земјата.

Француските власти предупредуваат дека високите температури претставуваат ризик и за здрави лица, особено за спортисти и работници кои извршуваат физички активности на отворено.

Холандија активираше национален план за горештини

И Холандија се подготвува за новиот топлотен бран, со температури кои локално се очекува да достигнат до 34 степени.

Активиран е националниот план за високи температури, а издадено е и жолто предупредување за делови од земјата.

Најтопло ќе биде во провинциите Лимбург, Северен Брабант и Зеланд-Фландрија, додека во централните и јужните делови температурите ќе се движат меѓу 30 и 33 степени.

Синдикатите предупредуваат на опасни услови за работниците

Холандскиот синдикат ЦНВ предупреди дека многу работни места не се прилагодени на сè почестите екстремни температури.

Анкета спроведена меѓу 1.500 работници во градежништвото, индустријата и здравството покажала дека повеќе од половина од нив работат физички тешки работи за време на топлотни бранови, а 56 отсто сметаат дека високите температури создаваат небезбедни услови за работа.

Синдикатот побара задолжителни мерки, меѓу кои прилагодено работно време, дополнителни паузи, разладување на работните места и прекин на работата во услови на опасни температури.

Повеќе од 2.000 дополнителни смртни случаи во Франција

Француските власти соопштија дека од почетокот на топлотниот бран на 19 јуни, во земјата се регистрирани 131 случаи на давење.

Министерката за здравство претходно информираше дека за време на јунскиот топлотен бран биле забележани 2.025 дополнителни смртни случаи, особено кај лицата постари од 45 години.

Опасност од пожари и последици од климатските промени

Француската влада за првпат во историјата го активираше планот за вонредни ситуации „Орсек – екстремни горештини“ во девет департмани на западот од земјата.

Властите предупредуваат и на зголемен ризик од шумски пожари, додека метеоролозите оценуваат дека екстремните топлотни бранови стануваат сè почести поради климатските промени.

Текстот Европа повторно под топлотен удар: Франција и Холандија воведоа вонредни мерки, температурите до 40 степени е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top