Европскиот советодавен комитет за климатски промени (ESABCC) предупреди дека Европа мора да се подготви за глобално затоплување од 2,8 до 3,3 степени Целзиусови до крајот на векот, посочувајќи дека континентот веќе ја плаќа цената на „недоволната подготовка“.
Членот на одборот и генерален директор на Кралскиот холандски метеоролошки институт (KNMI), Мартен ван Алст, оцени дека прилагодувањето кон поекстремни температури не е „ракетна наука“ и дека може да се постигне преку разбирање на ризиците и подобрување на системот за рано предупредување, објави Гардијан.
Во извештајот на комитетот се наведува дека сегашните напори за прилагодување кон климатските промени доаѓаат предоцна и се во голема мера постепени.
Зголемувањето на температурата од околу три степени би било двојно повеќе од целта постигната со Парискиот договор од 2015 година, објавува Танјуг.
Комитетот препорачува спроведување стрес-тестови за уште потопли сценарија и интегрирање на отпорноста кон климатските промени во сите политики на ЕУ, со дополнителни инвестиции, вклучително и приватни средства.
Ван Алст рече дека Европа сè повеќе ги трпи последиците од екстремните временски настани, вклучувајќи ги смртоносните поплави во долината Ар во Германија во 2021 година и во шпанската Валенсија во 2024 година, летните топлотни бранови и шумските пожари од минатата година, и предупреди дека многу ризици се приближуваат до границите на адаптацијата.
Комитетот вели дека е клучно да се спречи свет со толку високо глобално затоплување, бидејќи последиците за јавното здравје, инфраструктурата и економијата на Европа би биле сериозни.
Текстот Европа предупредена да се подготви за глобалното затоплување е превземен од МАКФАКС.






